Куманово: Почна примената на брзите тестови

25.11.2020 15:46

Во Здравствениот дом во Куманово од денеска започнаа да се применуваат брзите тестови за Ковид-19. Тестирањето се одвива согласно протоколот за заштита, а термините ги закажуваат матичните лекари. Кумановскиот Здравствен дом засега располага со 250 тестови.

Почна примената на брзите тестови за Ковид-19 во Здравствениот дом во Куманово. Тестирањето започна во 8 часот утринава, а првите пациенти веќе ги имаат резултатите. Интересот како што велат од таму е голем, термините за денеска се целосно исполнети. Земањето брисеви се одвива со упат од матичен лекар преку „Мој термин“.

„Започнавме со тестирање и спроведување на брзите антигенски тестови кои претходно ги добивме од Министерство за здравство. Добивме 250 тестови, дневно закажуваме по 60 пациенти, тие доаѓаат на 5 минути, со претходно закажан термин од матичен лекар. Тестовите се работат за 15 минути, во рок од два часа ние ги враќаме електронски до матичните лекари“, изјави Милена Спасовска Димовска, лекар Здравствен дом Куманово.

Од  оваа здравствена установа се надеваат дека наскоро ќе добијат дополнителни тестови.

Брзите тестови во Здравствениот дом во Куманово се спроведуваат согласно протоколот за заштита. Од таму информираат дека ваков тест можат да закажат само матичните лекари доколку пациентите го исполнуваат алгоритмот, односно доколку имаат симптоми на Ковид 19 не повеќе од 5 дена.

Тестирањето се спроведува во објектот на Здравствениот дом во кругот на кумановската болница, спроти невролошкото одделение кое сега функционира како Ковид 2 оддел.

Елена Георгиевска