Комеморација: Сеќавање на ликот и на делото на Петар Милошевски
Неговите фудбалски колеги, тренери, соработници од федерацијата, новинари, пријатели, емотивно се сеќаваа на ликот и на делото на човекот чијашто трагична судбина остави голема празнина...

Секој на свој начин се сети на Петар Милошевски - голманот, репрезентативецот, директорот, единствениот од таков ков во нашиот спортски свет. Неговите фудбалски колеги, тренери, соработници од федерацијата, новинари, пријатели, емотивно се сеќаваа на ликот и на делото на човекот чијашто трагична судбина остави голема празнина.
„Семејството загуби син, татко и сопруг, а спортот голем професионалец каков што повторно тешко може да се роди“, изјави поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Артим Шаќири.
„Многу не задолжи сите нас. Затоа ќе му бидеме на располагање на неговото семејство. Почивај во мир Петре“, низ солзи зборуваше Митко Стојковски, екс играчот од генерацијата на ФК „Пелистер“ од којашто произлезе и Петар Милошевски.
„Јас, Митко, Тони, Миљач, Бруно... сите ние ќе се сеќаваме на тебе и ќе го негуваме твоето дело. Знам дека ќе бидеш ангел и дека Господ те одбра да бидеш покрај него“, се обидуваше да ги контролира чувствата Ѓоко Хаџиевски, нашиот некогашен селектор, првиот тренер на Милошевски.
„Беше човек за пример. Имаше почит и разбирање за секого, постојано ширејќи ја својата позитивна енергија“, генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија со пиетет се сеќаваше на тоа како е да се биде негов соработник.
„Отсега секоја одбрана на Пачо и на голманите ќе биде за тебе. Секој гол ќе биде за тебе, секоја победа ќе биде за тебе“, рече селекторот на македонската фудбалска репрезентација Бошко Ѓуровски.
Петар Милошевски загина во сообраќајна несреќа пред два дена на патот Крива Паланка – Куманово враќајќи се кон Скопје по настап на ревијален натпревар. Живееше 40 години. И победи!
