Ковид-19: Се заоструваат мерките во регионот и Европа

26.11.2020 13:46

Дел од европските земји со строги мерки за заштита од Ковид-19. Во Германија ограничувања до 20-ти декември, со исклучок за Божик. Можно е пролонгирање и до јануари. Од регионот- заострени мерки во Хрватска и во Бугарија. Црна Гора воведе полициски час...

Германија до крајот на годинава ќе го продолжи делумното затворање поради справувањето со епидемијата на коронавирусот. Според првичните информации, дел од мерките ќе бидат ублажени во текот на божикните празници. Сепак, германската канцеларка Меркел најави дека рестриктивните мерки ќе бидат во сила до крајот на декември, а можеби и подолго.

За жал, не можеме да ветиме дека ќе ги олесниме мерките за Божик и околу Нова Година. Ни претстојат тешки зимски месеци. Ова ќе продолжи до март. А потоа јас сум оптимист затоа што повеќе луѓе веројатно ќе можат да се вакцинираат“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Властите апелираа до германците најмалку до 10-ти јануари да се воздржат од заминување на традиционалните зимски одмори во познатите скијачки центри. Според канцеларката Меркел, воведувањето на делумното „затворање“ на почетокот од ноември имало половичен успех.

Франција: Во нормала до есен 2021-ва

Француските власти соопштија дека граѓаните би можеле да се вратат во нормала до есен 2021-ва година, под услов да стапи во сила програмата за вакцинација против Ковид-19.  

Русија бележи рекордни новозаболени

Русија во последните 24 часа бележи рекорден број на новозаболени од Ковид-19, над 25 илјади случаи што е најмногу од почетокот на пандемијата.

 

Рестриктивни мерки и на Балканот

Рестриктивни мерки и во дел од земјите од регионот на Западен Балкан.  Во Црна Гора полициски час, во Бугарија и Хрватска затворање на угостителските објекти и забрана за јавни собири.

АстраЗенека“ и Оксфорд признаа грешка

„АстраЗенека“ и универзитетот во Оксфорд признаа грешка при тестирањето на нивната вакцина, поради што се преиспитуваат прелиминарните резултати на ефикасноста. Признанието следува неколку дена откако нивната вакцина беше прогласена за „многу ефикасна“. Сепак, нема објаснување зошто некои учесници во студијата не ја примиле очекуваната доза на вакцината во првите две инјекции.

Делумните резултати објавени во понеделникот доаѓаат од големи тековни студии во Велика Британија и Бразил и требаше да ја одредат оптималната доза на вакцината, како и да ја испитаат безбедноста и ефикасноста. Повеќекратни комбинации и дози беа тестирани кај волонтери.

 

Марина Ристова