Измените во Деловникот ќе се разгледуваат по скратена постапка
Мнозинството ја изгласа потребата од измени на собранискиот Деловник, по скратена постапка. Се предлага пратениците кои се во изолација поради коронавирус, на пленарките да гласаат онлајн. Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека ќе учествуваат на комисиската расправа, но остануваат на ставот дека е недозволиво Деловник да се менува без политички консензус...

Пратениците со 61 глас „за“, одлучија по скратена постапка да биде разгледан Предлогот за дополнувања на Деловникот на Собранието, со што треба да се овозможи пратениците кои се во изолација поради позитивен тест на Ковид-19 или поради контакт со лице со позитивен тест да можат да се вклучат во работа на Парламентот од далечина или онлајн. Опозициските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата на Албанците и Алтернатива не присуствуваа на седницата во моментот на гласањето.
Предлогот, како што појасни спикерот на парламентот, Џафери, нема да го промени досегашниот начин на работа, туку само ќе овозможи парлментот да биде целосно функционален.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените во Деловникот смета дека се протиуставни. Во опозицијата сметаат дека она што се предлага Собранието да работи онлајн е во спротивност на Уставот на Република Македонија, кадешто е наведено дека Собранието може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број на пратеници. Велат дека суштината е до крај да се потврди она што е генерална перцепција во оваа држава, а тоа е дека Собранието е исклучиво гласачка машина на Владата.
Предлогот на измените, кој е во скратена постапка, по изгласувањето на потребата од носење, треба да помине на Комисија за мандатно и имунитетни прашања, а потоа пак да се врати на гласање на пленарна седница.
Игор Панов
