Политика

Црвенковски и Иванов со реакции по интервјуто на Заев

26.11.2020 16:44

Реакции за интервјуто на премиерот од поранешните претседатели Црвенковски и Иванов. Долгодишниот лидер на Социјалдемократите бара итно да се свика Централниот одбор на партијата и да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на Централниот одбор ниту на СДСМ во целина. Иванов вели- Пандорината кутија е отворена. Има црвени линии преку кои не поминува...

Интервјуто на премиерот и лидер на мојата партија е скандалозно, со отворено писмо се огласи поранешниот претседател и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Смета дека ставовите и тезите на Заев ќе доведат до тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

„Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе“, вели Црвенковски во обраќањето до сопартијците.

Црвенковски повика итно да се свика Централниот одбор на партијата за реафирмирање на ставовите за македонскиот јазик и идентитет и антифашистичката борба. Црвенковски најави дека го замрзнува членството во СДСМ.

Се огласи и екс- претседателот Ѓорге Иванов. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање.

Иванов посочува дека Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна.

„Пандорината кутија е отворена. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите“, вели Иванов.

Македонскиот народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен „искусен политичар“ докажа дека сме сведоци на национално предавство, пишува екс- претседателот. Во секоја демократска земја, во секоја земја членка на НАТО и на Европска унија, за вакви изјави на премиер, паѓа владата.

 

Дијана Ценевска