Лекарите децидни: Вакците се неопходни и безбедни
Децата треба да се вакцинираат, сите до едно, е ставот на лекарите. Ако родителите ги следат информациите на интернет страниците и социјалните мрежи за наводните несакани последици од имунизацијата, само ќе се исплашат и ќе бидат доведени во заблуда...

Вакцините се неопходни и безбедни, тврдат од министерството за здравство. Од таму велат не смее да се дозволи да се вратат болести од кои заболувале и умирале илјадници луѓе пред задолжителната имунизација.Експертите се децидни дека вакцините немаат никаква поврзаност со аутизмот, дијабетот, малигните заболувања зашто сите состојки во нив се во форми кои не му сметаат на здравјето на децата. И вакцините со жива не се опасни бидејќи овој елемент се елиминира од организмот за три до четири часа и не прави никаква штета.
„Официјалните информации за влијанието на имунизацијата врз децататреба да се бараат од меѓународните агенции, СЗО, Центарот за заразни болести во Европа, Атлантна центарот за заразни болести во САД, … Треба да се слушаат и советите на здравствените работници како најкомпетентни да одговорат на овие прашања“, рече Јованка Костовска од Министерство за здравство, Сектор за превентивна заштита и имунизација.
Не смее да се бега од вакцинацијата, вели претседателот на Лекарската комора.
„Вреди ли да умрат 1.000 луѓе од бронхопнеумонија зашто 0,001 отсто ќе добиеле енцефалит? Воопшто, ова прашање е многу смешно. Најодговорно тврдам, никако бегање од вакцинацијата. Тоа значи заштита на населението од болести кои се искоренети токму благодарение на вакцинацијата. Ако ја укинете, ќе се вратат, ќе создадете опасна маса луѓе која може да биде жртва на увозна епидемија“, нагласи претседателот на Лекарската комора, Кочо Чакаларовски.
„Оваа кампања што сега почна во весниците и на телевизија за штетноста на вакцините не е нова работа, кај нас е понова. Инаку секаде во светот има противници на тоа“, рече Јован Тофовски, претседател на Македонско лекарско друштво.
Според министерот за здравство, Никола Тодоров, погрешен е чекорот на групата родители кои од Уставниот суд бараат да се укине задолжителната вакцинацијата кај децата.
„Јас сум родител и моите деца ги имам вакцинирано. И јас сум вакциниран. Не гледам зошто и децата на моите деца не треба да бидат вакцинирани“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
Од министерството за здравство велат дека при набавката на вакцините се гледа на квалитет, а не на цена. Најавија дека петовалентните вакцини ќе се воведат оваа година, следниот тендер ќе биде за поливалентни вакцини.
Ана Јосифоска
