САД

Трамп ќе ја напушти Белата куќа ако електорите ја потврдат победата на Бајден

27.11.2020 13:04

„Доколку изборниот колегиум ја признае победата на Бајден, заминувам од Белата куќа“, изјави Доналд Трамп на првата пресконференција по изброите на 3-ти ноември. Официјализирање на резултатите чека и рускиот лидер Путин кој е единствениот челник што не им честитал на демократите...

Речиси еден месец по поразот на претседателските избори, актуелниот шеф на Белата куќа, Доналд Трамп, конечно изрази подготвеност да замине од Овалната соба доколку Изборниот колегиум потврди дека Џо Бајден победил на изборите. Републиканецот којшто се бореше за втор мандат и натаму тврди дека изборниот процес бил измама иако повеќето судови ги отфрлија тужбите поднесени од неговата кампања. На својата прва конференција за медиумите по 3 ноември, 74-годишниот републиканец ја критикуваше и одлуката на противникот да почне да го формира својот тим.

„Фактите се на наша страна. Ова беше огромна измама. Никогаш не смееше да се случи кај нас. Како земја од третиот свет да сме“, рече Трамп.

Поранешениот потпретседател на САД, Бајден освои 306 електорски гласови со што го надмина прагот од потребните 270. Изборниот колегиум гласа на 14 декември, но резултатот ќе биде соопштен пред Конгресот дури на 6 јануари. Инаугурацијата на 46 американски лидер е на 20 јануари.

„По 30 одбиени тужби по брза постапка, бев убеден дека треба само да помине одредено време. Затоа решив да продолжам како да сум јас номинираниот и да почнам да работам во рамките на овластувањата кои ги имам од денот на изборите“, изјави Бајден.

Кина, којашто беше меѓу земјите кои одбиваа да им ја честитаат победата на демократите, го смени ставот. Претседателот на најбројната нација Си Џинпинг потенцираше дека е неопходен стабилен развој на билатерланите односи и изрази надеж дека и двете страни ќе продолжат да соработуваат во позитивен дух без конфликти и судири.

Рускиот лидер Владимир Путин е единствениот лидер кој останува воздржан во однос на честитките за Бајден се до објавувањето на официјалните изборни резултати. Дел од експертите сметаат дека односите меѓу Москва и Вашингтон ќе бидат сложени со доаѓањето на новата администрација на САД која, според нив, би можела да има построг пристап кон Русија.

 

Маја С. Филдишев