Прилеп: Нема нови, градот се справува со зајакнати локални мерки

27.11.2020 14:37

Прилеп се справува со крајно сериозната состојба со Ковид-19. Засега нема нови, дополнителни мерки. Се спроведуваат зајакнатите мерки од локалниот кризен штаб. Во Здравствениот дом ја потрошија првата пратка брзи тестови, добија нови. Тие се помош за ковид-ситуацијата во градот...

Прилеп нема нови, ама почна со зајакнатите локални мерки на Кризниот штаб. Матичните лекари ги прават списоците, се утврдуваат тимовите за работа во втора и трета смена на инфективното одделение како помош на исцрпениот медицински персонал. Волонтерите, пак, почнаа да помагаат низ градот.

Во четирите ковид- оддели во болницата се хоспитализирани 114 пациенти, половината на кислородна подршка. Има шест со тешка клиничка слика. Во моментов, има уште 16 слободни легла.

Во меѓувреме забрзано функционира пунктот за брзи тестови при Здравствениот дом. Првите 250 теста се потрошија за 6 дена и речиси половината се позитивни. Од министерството стигна новата пратка, како и донација, со  што се обезбедија нови 650 брзи тестови. Помагаат за детектирање на ковид-ситуацијата во градот.

Бесплатните вакцини против сезонски грип привршуваат и има само за наредната недела. Засега нема најава за нова пратка, а досегашните 690 дози се малку.

 

Елизабета Митреска