Димитров: Нема да се откажеме од европската иднина

27.11.2020 16:12

Немаме намера да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак да го допреме, или да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет, во интервју за хрватски медиум вели вицепремиерот Димитров. Реакциите по интервјуто на премиерот продолжуваат. Од ВМРО- ДПМНЕ велат, наместо да се извини и да се повлече од изјавата, Заев навлегува подлабоко и ги руши позициите на Македонија...

Ниту еден сосед, ниту една држава има било каква правна основа во меѓународното и европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто за македонскиот јазик. Тоа е наша работа- изјави вицепремиерот за европски прашања Димитров за регионална телевизија. Многу е тешко, вели вицепремиерот, да се разбере како може македонскиот јазик да е пречка за почеток на пристапните преговори за интеграција со една Унија кадешто јазичната различност е една од фундаменталните и темелни вредности.

„Исто така е тешко да разбереме како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи, коишто за да бидат вистина добрососедски, мора да почиваат на меѓусебна почит. Ако јас вам ви кажам каков јазик, каков мајчин јазик зборувате или не зборувате, тоа значи дека не ве почитувам. Во таа смисла, се соочуваме со еден сериозен предизвик. Ние имаме Комисија за историски прашања што ја формиравме врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со соседна Бугарија, со Софија, и идејата беше историјата нека ја разговараат историчарите, а политиката да работи на денес и на подобро утре“, вели вицепремиерот Димитров.

Два дена по скандалозното интервју, наместо Заев да се извини, за изјавите кои претставуваат удар на темелите на македонската држава и самобитноста на македонскиот народ, тој уште подлабоко навлегува во небулози, навреди кон својот народ и драматично ги руши позициите на сопствената држава, смета опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави покренување интерпелација на владата.

Блискиот соработник на Заев и министер за внатрешни Оливер Спасовски иако директно не се огради од ставовите на премиерот, сепак во изјава за медиумите посочи дека е факт дека неговото Куманово го ослободиле македонските партизани.

 

Миле Ритески