За 4 дена 7.500 решенија за изолација на позитивни со Ковид- 19 и контакти со нив

27.11.2020 16:27

Реагирајќи на видеата што кружат на социјаните мрежи за сместување во иста просторија на починати и пациенти на инфузија во Клиничката болница во Битола, санитарниот и здравствен инспекторат за 24 часа го завршил вонредниот инспекциски надзор и менаџментот добил решение по кое мора веднаш да постапи.

Само во последните 4 дена инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат доставиле 7.500 решенија за изолација на позитивни со Ковид-19, како и на лица кои имале контакт со нив. Реагирајќи на видеата што кружат на социјаните мрежи за сместување во иста просторија на починати и пациенти на инфузија во Клиничката болница во Битола, санитарниот и здравствен инспекторат за 24 часа го завршил вонредниот инспекциски надзор и менаџментот добил решение по кое мора веднаш да постапи.

„На директорката и е наложено да обезбеди адекватна просторија или проширување на мордата, која ќе одговара на потребите во овој момент. Во однос на изолираноста на пациентите со параван, истите се веќе поставени и се задоволени основните критериуми, почитувајќи ги правата од законот за права на пациенти и правото на приватност“, изјави директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Сотирова-Бухова.

Во последните неколку месеци Санитарниот и здравствен инспекторат завршил 21 вонреден надзор во однос на починати ковид пациенти и за нив биле иницирани вонредни стручни надзори, додека во тек се уште 9 вакви надзори. Според Сотирова-Бухова за случајот во Штипската клиничка болница надзорот е завршен за 48 часа и е инициран вонреден стручен надзор, за да се потврди или отфрли евентуална грешка на здравствениот систем. На средбата на 17 санитарни и здравствени инспектори со вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, е најавено натамошно екипирање на инспекторатот што треба да овозможи поефикасно справување со заканата со Ковид- 19.

„Информацијата за кадровската екипираност во инспекторатот е веќе во владина процедура. Евидентно е дека им е потребен поголем број на луѓе и ресурси и онаму каде што има потреба наредната година ќе се овозможат нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционирање на истите“, изајви вицепремиерот Николовски.

Од изминатиот месец досега се издадени околу 40 илјади решенија за изолација на позитивни и на лица што биле во контакт со нив, што е показател за сериозноста на целата ситуација со Ковид- 19 , вели Сотирова - Бухова.

 

Свето Николовски