МВР: За 63% е зголемен бројот на сексуални деликти над деца минатата година
Според анализата на МВР, профилот на сторител на сексуални злоупотреби е маж на возраст од 20 до 30 години, со неоформено образование, без квалификации, невработен е припаѓа на ниските социјални слоеви. Тој најчесто напаѓа девојчиња, најчесто од социјално загрозени семејства, претходно ја познава жртвата, односно е дел од неговото социјално опкружување...

Во текот на 2013 година, на подрачје на државата, регистрирани се вкупно 151 кривично дело од областа на кривичните дела против половата слобода и морал, а од вкупниот број, повеќе од половината се извршени над деца. Загрижува фактот што сексуалните деликти извршени над деца се зголемени во споредба со минатата година за 63%, соопштуваат од МВР.
Порастот првенствено се должи на зголемениот број дела „полов напад над дете кое не наполнило 14 години“, кои се зголемени за 47%. Во рамките пак на сексуалните злоупотреби, децата до 14-годишна возраст се јавуваат во 70% од кривични дела, односно 58 дела се извршени над оваа категорија лица.
Според анализата на МВР, профилот на сторител на сексуални злоупотреби е маж на возраст од 20 до 30 години, со неоформено образование, без квалификации, невработен е припаѓа на ниските социјални слоеви. Тој најчесто напаѓа девојчиња, најчесто од социјално загрозени семејства, претходно ја познава жртвата, односно е дел од неговото социјално опкружување.
При реализацијата на овие кривични дела е покажана особено висока ефикасност, која изнесува 96,4%, а останале нерасветлени само три кривични дела, од кои „задоволување полови страсти пред друг“, „обљуба со злоупотреба на положбата“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Со 60% во вкупниот број на дела извршени над деца, најзастапено е кривичното дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“, додека останатите дела се застапени во многу помал број.
Гледано по подрачја, сексуалните злоупотреби над деца се најчести за подрачјето на Скопје и Битола, соопштуваат од МВР. Почесто се вршат сексуални злоупотреби во урбаните средини, каде се извршени две третини од кривичните дела, а една третина во рурални подрачја.
