Полицијата и приватното обезбедување ќе соработуваат за изборите
Ќе стартуваат заеднички тренинзи на кои ќе се информираат меѓу себе за агнажманот и активностите што ќе ги имаат на терен...

Се интензивира соработката меѓу полицијата и приватното обезбедување во пресрет на изборите. Ќе стартуваат заеднички тренинзи на кои ќе се информираат меѓу себе за агнажманот и активностите што ќе ги имаат на терен. Тоа ќе значи дека секоја агенција што ќе испрати свои членови како обезбедување на некој од политичарите ќе мора да ја извести полицијата.
„Работниците во приватното обезбедување може да направат превид во смисла на тоа да употребат овластување кое во тој конкретен случај е во надлежност на полицијата, а полицијата да префрли условно речено дел од работата на приватното обезбедување. Во таа смисла ние оценивме дека е добро во пресрет на овие два сложени изборни процеси да направиме една подобра координација, соопшти министерката за внатрешни работи“, Гордана Јанкулоска.
Од комората за приватно обезбедување велат дека сите нивни членови веќе ги поминале тренизите со кои се запознаени со Законот за приватно обезбедување и за внатрешни работи, така што точно знаат до каде одат нивните надлежности.
„Сите оние што ќе бидат ангажирани, доколку има ангажирани агенции во изборниот процес, се веќе воведени во регулативата што ја тангира нашата дејност. Очекувам да си ги почитуваат сите законски прописи“, нагласи Верица Милеска- Стефановска од Комората на Република Македонија за приватно обезбедување.
Ова е прва соработка од ваков вид меѓу полицијата и обезбедувањето. Има за цел да ги конкретизира одговорностите и надлежностите на двете безбедносни структури за време на изборите.
Анита Димитријевска
