Новини во Законот за патен сообраќај за земјоделците и таксистите, поволности за лицата со инвалидитет

15.03.2014 16:16

Министеорт за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска ги презентираа новините во Законот за превоз во патниот сообраќај...

Земјоделците кои немаат регистрирана фирма, со потврда за сопственост на возилата земена од   министерството за транспорт и врски ќе можат да вршат превоз на своите производи. Вака нема да бидат казнувани за неевидентирано возило. Документот може да го добие носителот на семејното земјоделско стопанство ако е евидентиран земјоделец и доколку е сопственик или има склучено договор за лизинг на најмногу две возила што ги исполнуваат техничките услови, појасни министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
 
„Тоа го правиме за да направиме една евиденција на тие превозни средства, бидејќи досега често се случуваше инспекторатите да ги сопрат возилата и да им изречат казна, бидејќи не биле авидентирани во нашата евиденција“, вели Јанакиевски.
 
Втората новина е за такси возачите. Се предвидува дека при вршење на такси превозот, возачот на возилото, а не како досега компанијата, мора да има сертификат за авто-такси превоз. На овој начин се зголемува одговорноста на таксистите. Предвидени се и високи глоби за незаконски превоз, а се движат од 500 евра, со можност за одземање на лиценцата,  рече Јанакиевски. 
 
Со најновата измена на законот за патен сообраќај, ќе им се олесни и на лицата со тешка длабока ментална попреченост и на целосно глувите.
 
„За нив се обезбедуваат 6 повратни карти годишно во меѓуградскиот сообраќај, кои што се бесплатни. За остварување на оваа поволност, потребно е лицата само да имаат потврда за членство и возен картон, издаден од надлежниот национален сојуз“, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. 
 
Министерот Спасов нагласи дека и во иднина ќе се продолжи со превземање на конкретни чекори и мерки за подобрување на животот на лицата со инвалидитет.
 
Александра Перевска