Трамп не го признава поразот, ги повтори обвинувањата за изборни измами
Американскиот претседател Трамп не го признава поразот. Во неговото прво интервју по изборите пред еден месец, ги повтори обвинувањата за изборни измами. Сепак, скоро секоја тужба во судовите е отфрлена поради недостаток на докази. Според најавите, инаугурацијата на Џо Бајден за 46-ти шеф на државата ќе биде на 20 јануари.

Американскиот претседател Доналд Трамп во првото интервју во живо по изборите на 3-ти ноември, ги повтори неоснованите обвинувања за изборни измами. Рече дека изборите биле наместени и „целосна измама“, но дека судиите не сакале да се мешаат.
„Сè треба да биде одобрено од законодавниот дом, а тие имаа судии кои правеа зделки и имаа изборни службеници кои склучуваа зделки. Како овој лик од Џорџија, кој е катастрофа, а гувернерот, Брајан Кемп не стори ништо. Тој не направи апсолутно ништо. Се срамам што го одобрив. Гледам што се случува, страшно е она што се случи на овие избори“, рече Трамп.
Интервјуто следи откако републиканскиот сенатор Рој Блант, претседател на конгресниот комитет за инаугурација, рече дека очекува на 20 јануари новоизбраниот претседател на демократите Бајден да положи заклетва за нов претседател.
Актуелниот претседател Трамп повторно ги истакна обвинувањата што ги изнесе без докази за широко распространета изборна измама, обвинувања отфрлени од голем број судии.
Трамп повторно ќе се кандидира во 2024 година
Во меѓувреме, американските медиуми повикувајќи се на свои извори, објавија дека Трамп размислува да ја објави својата намера да се кандидира за претседателските избори во 2024 година, за време на церемонијата на инаугурацијата на Џо Бајден, односно на 20 јануари 2021 година. Според информациите, Трамп разговарал со своите советници за прашања поврзани со почетокот на неговата изборна кампања речиси четири години пред изборите.
Анкетите покажуваат дека околу 47 насто од американците го поддржуваат учеството на актуелниот шеф на државата во претседателската трка во 2024 година.
Марина Ристова
