Политика

Препукувања на власта и опозицијата за Македонско-бугарските односи

30.11.2020 14:50

ВМРО-ДПМНЕ денеска на протести во 11 градови низ државата. Опозициската партија смета дека премиерот Заев и владата ги распродаваат државните и националните интереси. Побараа оставка од Заев. Од СДСМ бараат одговори од Мицкоски кој му ја дал информацијата дека наводно викендов се распарчувала Македонија и за чии странски интереси одработува …

Заев го смета македонскиот народ за експериментална нација, која може да прифати сè што ќе ѝ се сервира на маса, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат, прифаќајќи патокази и анекси, Заев го поплочува патот кон поразот на македонскиот идентитет. Бараат власта да одговори кој и што преговарал викендов во Софија.

Социјалдемократите, пак, обвинуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски шири невистини и лажни вести. Велат дека тој работи против интересите на сопствената држава. Викендот помина, не се распарчивме, ниту имало официјални претставници во Софија, а најмалку тајни средби, тврдат Социјалдемократите.

Не стивнуваат реакциите и кај источниот сосед. Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, препорачува Скопје да даде гаранции за реформи, а Софија да се откаже од ветото.

Наташа Гркова-Петрушевска