Три илјади амандмани од опозицијата за собранискиот деловник
Пред Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, дополнувањето на Деловникот за работа на законодавниот дом, по скратена постапка. Се предлага онлајн изјаснување на пратеници заразени со Ковид-19 и во изолација. Опозицијата смета дека ваквите измени се противуставни. Ќе интервенира амандмански. Поднесените околу три илјади амандмани се со цел да се блокира донесувањето на измените на деловникот-велат од СДСМ. Остануваат на ставот дека Собранието мора да работи во интерес на граѓаните…

Опозицијата поднесе околу три илјади амандмани на предлогот за деловничките измени, со кои се предвидува онлајн работата во Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека измените во Деловникот треба да се донесат консензуално, а власта на сила сака да ги турка измените. Сметаат дека измените се противуставни и затоа треба преку дијалог, во рамките на процесот „Жан Моне“, да се усогласат ставовите.
Во СДСМ посочуваат дека е очигледно оти опозицијата со поднесување на илјадници амандмани се обидува да го блокира донесувањето на измените во собранискиот деловник. Според нив, станува збор за измени кои ќе придонесат пратениците кои се заболени од Ковид-19 или се во изолација, да можат да учествуваат во дебата и при гласањето за законите.
На иста линија со социјалдемократите е ДУИ, кои велат дека овде не станува збор дека власта не може да обезбеди мнозинство, туку да се овозможи функционален парламент и носење на закони во услови на здравствена и економска криза.
Од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива сметаат дека онлајн гласање може да доведе до злоупотреба на системот во време кога пред пратениците можат да се најдат системските закони или други меѓународни договори.
Предлагачот на измените, спикерот Џафери, вели дека тие се за да има непречено функционирање на Собранието во услови на пандемија од Ковид-19. Претходно, парламентарното мнозинство со 61 глас ја изгласа потребата од донесување на деловничките измени. ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на пленарката.
Игор Панов
