Одбрана

НАТО пред одлука дали да се повлече од Авганистан

30.11.2020 15:14

НАТО е пред одлука дали да се повлече од Авганистан. Ова ќе биде една од главните теми на онлајн состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки. Американските сили целосно ќе треба да се повлечат од Авганистан до мај идната година...

НАТО е пред одлука дали ќе се повлече од Авганистан или ќе остане. Ова ќе биде една од главните теми на онлајн- состанокот на министрите за надворешни работи на земјите- членки на Алијансата. За првпат по договорот меѓу САД и Талибанците, според кој американските сили целосно ќе треба да се повлечат од Авганистан до мај идната година, сојузниците ќе дебатираат за носење конечна одлука дали ќе продолжи Мисијата за обука на авганистанските сили што ќе значи продолжување на военото присуство или пак целосно повлекување на Алијансата по две децении од Авганистан, што носи ризик оваа земја повторно да стане рај за териризмот.

„Никој не сака да остане во Авганистан подолго отколку што е потребно. Во месеците пред нас, ние ќе продолжиме да го проценуваме нашето присуство врз основа на условите на теренот. Се соочуваме со тешка дилема. Дали да се замине, и да ризикуваме Авганистан да стане повторно безбедно засолниште за меѓународните терористи. Или да останете и ризикуваме подолга мисија, со ново насилство. Без оглед кој пат ќе избереме, важно е да го сториме тоа заедно, на координиран и намерен начин“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

НАТО континуирано го намалува присуството во Авганистан. Од околу 10 илјади припадници на Алијансата, половина се од земјите- членки. Земјава веќе планира намалување на бројот на припадници во мисијата идната година. Конечната одлука ќе ја донесат Министрите за одбрана на состанокот во Брисел идниот февруари, согласно ситуацијата во Авганистан. Генералниот секретар апелираше до Талибанците да се придржуваат до договорот за укинување на насилството во земјата и врските со терористичките „Исис“ и „Ал Каеда“, во спротивно НАТО ќе продолжи со военото присуство во Авганистан.

 

Ирина Гелевска