Куманово: Воздухот алармантно загаден, инспекторите на терен
Во Куманово, Тетово и Кавадарци на сила се препораките за заштита, откако деновиве беше надминат прагот на ПМ 10 честичките во воздухот. По ваквата состојба на терен излегоа и инспекторите за животна средина при Општина Куманово. Тие викендов на три правни субјекти наложиле да го намалат интензитетот на производството. Кумановци потврдуваат дека последниве денови се гушат во загаден воздух.

Kумановци последниве денови се гушат во непријатна миризба и чад. Мерната станица покажува висока загаденост. Концентрацијата на ПМ 10 честичките се искачи и над 800 микро грами на метар кубен. Поради енормното загадување, државата воведе посебни мерки кои се однесуваат за Куманово, Тетово и Кавадарци. Но, тие важеа само викендов.
Аерозагадувањето не е нов проблем во Куманово. Изминативе години и екологистите предупредуваа дека индустријата, градбите, автомобилите како и затополувањето на несоодветно огревно дрво се причините за овој проблем.
Кумановци потврдуваат дека го чувствуваат загадениот воздух. Велат деновиве отежнато се дише.
„Што сметате дека е најголема причина дали автомобили или несоодветно огревно дрво? Се по нешто, не е само автомобилите“-вели еден кумановец.
„Огревно дрво и од возилата од горивата, потешко се дише“, додава друг кумановец.
Инспекторите за животна средина при Општина Куманово викендов извршиле вонреден надзор во седум правни субјекти, по што на три им е наложено да го намалат интензитетот на производството.
„Ќе се стави акцент на инегрирани дозволи и автомеханичарски дозволи за да се изврши проверка дали отпадното моторно масло редовно се предава на колективниот постапувач. Јас би апелирал да се сфати сериозно состојбата, да не користат недозволени средства за загревање, бидејќи по мене главен проблем е домаќинства кои што горат огревни средства кои што не се дозволени“, изјави Бобан Бојковски, овластен инспектор за животна средина.
Во централното подрачје од неодамна повторно се спроведува и процесот на аеросолизација или прскање на улиците. Општината подготви и план за справување со аерозагадувањето. Од долгорочните мерки најзначајна е гасификацијата, но најголемиот загадувач, Општата болница, се уште се затоплува на мазут.
Елена Георгиевска
