Почна да се црта кракот од „Јужен тек“ кој ќе носи гас до Македонија
Кракот кој треба да ја приклучи земјава кон гасоводот „Јужен тек“ ќе овозможи долгорочна и безбедна испорака на природен гас. Единствена дилема за експертите е која од двете алтернативи ќе се избере, приклучување преку Бугарија или пак преку Србија...

Македонија почна да го црта кракот на гасоводот кој треба да ја приклучи кон трансевропскиот проект „Јужен тек“. Руските и домашните експерти се на терен и почнуваат со изработка на студијата која треба да даде одговор која од двете алтернативи е подобро и поефтино решение.
Првата варијанта е кракот да се движи покрај постојната траса на гасоводот кон Бугарија, а втората е да се приклучиме преку Србија. Експертите се едногласни и двете опции имаат предности и недостатоци, а нашата одлука зависи и од тоа колку во проектот ќе влезат на своја територија Бугарија и Србија.
„Ако во Србија градат линија кон Ниш и кон Врање тогаш е многу поефтино, од Врање 100 километри да се приближиме, отколку од кракот преку Перник за да стасаме до Ќустендил“, вели проф. д-р Константин Димитров, енергетски експерт.
Експертите потсетуваат дека треба да се размислува и на сигурноста и на диверзификацијата во снабдувањето со пророден гас, што го обезбедува Јужен тек .
„Се заобиколува Украина која досега покажа дека може да биде проблем кога е во прашање сигурноста на транзитот на гас преку Бугарија кон Македонија.На овој начин Јужен тек овозможува безбеден и непречен транспорт на гас до потрошувачите“, изјави енергетскиот експерт Зоран Грков.
Втор елемент е и цената на трасата. Доколку се оди покрај постојниот гасовод, ќе нема никакви дополнителни трошоци за експропријација на земјиште, просторот е чист, а веќе постојат и приклучоци за електрична енергија и пристапни патишта. Трасата преку Србија бара поголем трошковник и повеќе време.
Сепак најважниот момент е неминовното зголемувањето на потрошувачката на ефтиниот приоден гас и исцрпувањето на капацитетот на постоечкиот гасовод преку Бугарија, што ќе донесе и намалување на цената.
Засега сите погледи се свртени кон комбинираните централи што користат гас. Доколку постојните две го зголемат производството, а набрзо се изградат и планираните нови капацитети, експресно ќе се потроши гасот што го носи бугарскиот гасовод и ќе почне да се користи гасот што ќе го носи Јужниот тек во следните децении.
Свето Николовски
