Меѓународни сертификати за поголем профит во зоните

15.03.2014 17:04

Стотина добавувачи лани испорачале стоки во вредност од 50 милиони евра. Мал дел од нив покрај основниот ИСО 9001 имаат и други меѓународни сертификати што го гарантираат квалитетот и работа според дефинирани правила...

Домашните компании да се сертифицираат за да остварат поголем профит со компаниите во индустриските зони  - посочуваат менаџерите на странските фирми. Стотина добавувачи лани испорачале стоки во вредност од 50 милиони евра. Мал дел од нив  покрај  основниот ИСО 9001 имаат и други меѓународни сертификати што го гарантираат квалитетот и работа според  дефинирани правила. Владата ќе помага домашниот капитал да добие на вредност.

„Кај оние што треба да се добавувачи во автомобилската индустрија стандардите се уште повисоки и не постои македонско тело кое што ја врши оваа сертификација, туку таа треба да се прави во странство, што за домашните компании е релативно голем трошок. Но, тоа е нешто на што ќе работиме да го надминеме. Се додека ние сме затворени само во домашната економија и само продаваме на домашниот пазар постојано ќе бидеме предмет на притисок како држава, зборувам од други добавувачи од странство. Ќе мора и ние да излеземе надвор, а еден од предусловите е да ги поседуваме сите тие сертификати“, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Странските менаџери од владата бараат и листа на домашни фирми со список на производи или  услуги што можат да ги добијат во државава. Сугерираат да се подобри и едукативниот процес, универзитетите да продуцираат поквалитетни кадри. Економските зони лани оствариле 25 насто од вкупниот македонски извоз, се проценува дека за три годни со отворањето на најавените капацитети, процентот двојно ќе се зголеми. Најавени се  дваесетина странски фирми кои кои ќе започнат со изградба на нови капацитети. Дел од постојните го проширија бизнисот.

„Имавме голем успех со првата инвестиција, но се јави потреба од отворање нов погон особено со донесување на новата европска регулатива која важи од годинава и со која ќе се зголеми побарувачката на нашите производи“, вели Џатин Такрар, генерален директор на Џонсон Мети.

„Годинава ќе одиме со старата количина на производство, догодина за три до четири пати ќе се зголеми продажбата“, посочува Јован Поповиќ, менаџер на Витек.

Најголем дел од македонските добавувачи за странските инвеститори во зоните се од областа на градежништвото, консултанстките бироа, осигурителните компании, фирмите за изработка на алати и амбалажа.

Сузана Фиданска- Стоевска