Турција и Русија заедно ќе го надлегуваат спроведувањето на примирјето во Нагорно- Карабах
Турција и Русија ги завршија техничките преговори и потпишаа меморандум за основање на заеднички центар за надзор на спроведувањето на примирјето Во Нагорно- Карабах. Азербејџанското знаме поставено и во последната од трите области кои Ерменците мораа да му ги предадат на Баку според последниот договор за примирје. Досега беа потпишани четири спогодби, од кои три беа неуспешни...
Руската војска постави контролни пунктови на Лачинскиот коридор меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах во рамките на мировничката мисија во која се следи спроведувањето на договорот за прекин на огнот во енклавата постигнат со Азербејџан. Според Спогодбата, владата на Ереван требаше да отстапи делови кои се под нејзина контрола, а се надвор од границите на спорниот регион. Војската на Азербејџан веќе го постави националното знаме во Лачин со што официјално се означи преземањето на последната од трите области од страна на Ерменија. Повеќето жители заминаа пред пристигнувањето на азербејџанската армија. Многумина ги запалија своите домови.
Раздвиженост и во Агдам и Калбаџар. Ерменците си одат, Азербејџанците се враќаат. 71-годишниот Фазил Маликов со потекло од Азербејџан беше принуден да замине од родното место поради војната во 90-тите години.
„Таму поминав 42 години од животот. Таму создадов семејство, ме почитуваа луѓето, работев таму. Јас сум дете на тоа место“, вели Фазил Маликов, поранешен жител на Калбаџар.
Отстапките на владата на Ереван во рамките на мировниот договор предзивикаа протести во ерменската престолнина. Неделава собирите се проширија и пред француската амбасада. Демонстрантите бараат помош во потрагата по војниците кои исчезнале на фронтот.
Во меѓувреме, Турција и Русија ги завршија техничките преговори и потпишаа Меморандум за основање на Заеднички центар за надзор на спроведувањето на примирјето.
Нагорно-Карабах е географски дел од Азербејџан, но е под контрола на етничките Ерменци кои имаат поддршка од Ереван по сепаратистичката војна во 1994 година. Битките меѓу поранешните советски држави беа обновени на крајот на септември при што загинаа стотици лица.
Маја С. Филдишев
