Партиите во ров, продолжуваат напорите за решение со Бугарија
ВМРО-ДПМНЕ бара натпартиски консензус и расправа во Собранието по блокадата од Софија. За власта, нема потреба да се разговара за македонскиот идентитет и јазик. Партиите во ров, напорите да се стигне до решение со источниот сосед продолжуваат. Министерот Османи предупредува - европската иднина е единствениот рецепт за превенција од ретроградните политички тенденции на Балканот...

Власта и опозицијата, секој со своја контра во македонската политика. Измените во Деловникот од опозицијата поткрепени со над 3.000 амандмани. Власта не сака да расправа за блокадата во ЕУ од страна на Бугарија. И едните и другите велат дека го штитат Уставот и работат за граѓаните. Власта го отфрлила предлогот на опозицијата да се расправа за ситуацијата со Бугарија. Од ВМРО – ДПМНЕ велат, предност е да се постигне натпартиски консензус, по клучно прашање за државата.
Владеачката СДСМ пак ја обвинува опозицијата дека работи против интересите на граѓаните, а сметаат дека во Собранието нема потреба да се разговара за македонскиот идентитет и јазик. Велат ВМРО – ДПМНЕ сака да прави театар со ова прашање. Негираат какви било разговори на релација Скопје – Софија.
Иако официјалните власти не откриваат детали за разговорите со Софија, министерот за надворешни работи Бујар Османи на неформалниот состанок на Советот на ЕУ за општи работи истакнал дека европската индина е единствен рецепт за превенција од ретроградните политички тенденции на Балканот - единствениот одговор на предизвиците за помирување и градење на просперитет и стабилност.
Миле Ристески
