Скопје за Работнички, Брегалница го изненади Металург
Во градското дерби „романтичарите“ се радуваа на слатка победа над актуелниот првак со 2-1...

Работнички стави крај на серијата на Вардар од 14 натпревари без пораз во нашиот најквалитетен фудбалски шампионат. Во градското дерби „романтичарите“ се радуваа на слатка победа над актуелниот првак со 2-1. Јасир Асани го доведе Вардар во водство во 37-та минута,. Но пред крајот на првото полувреме Борче Маневски стрелаше во мрежата на противникот за израмнување, а по само девет минути игра во продолжувањето, Баже Илијоски погоди за целосен пресврт.
Натпреварот го одбележа и тешката повреда на вардаровиот напаѓач Илчо Наумовски, кој има скршеница на ногата и најверојатно нема да игра до крајот на сезоната.
Со овој триумф Работнички се израмни со Вардар за делба на врвот на табелата со по 38 бода, три повеќе од Турново кој утре ќе гостува во Гостивар.
Огромна шанса да се доближи до градските ривали пропушти Металург, кој во 22-то прволигашко фудбалско коло, последно од вториот дел од сезоната, загуби од Брегалница со 2-1, и тоа на домашен терен. Брегалница ги освои бодовите со головите на Здравков во деветтата и на Маркоски во 78-та минута. Стрелец за Металург беше Вујовиќ по половина час игра, во тој момент за 1-1. Металург е петти има 34 бода, а Брегалница со 29 се наоѓа на посакуваното осмо место коешто значи настап во Првата лига и во наредната сезона.
