Здравство

Ковид- центарот на приватните болници чека дозвола за работа

01.12.2020 16:16

Ковид- центарот на приватните болници сѐ уште не е активиран. Опремен со апаратура и медицински персонал за да прима и лекува пациенти, чека дозволи за работа и договори со државните институции. Од Здравство одговорноста ја префлуваат на Министерствата за транспорт, внатрешни работи и ЦУК. Од таму без конкретни информации, велат допрва ќе се координираат. Се чека и документот за станица за довод на кислород...

Опремен со апаратура и медицински персонал приватниот ковид центар чека да почне со работа. Надлежните без конкретен одговор кога ќе бидат обезбедени потребните документи. Без дозволите и одобренијата што се во надлежност на транспорт и врски и на МВР, велат допрва ќе се договараат, не може да почне приемот и лекувањење на пациенти во овие простории.

Дополнителен проблем според приватниците е поставување доводот за кислород што е неопходно во третманот на пациентите. Здравство без конкретен одговор зошто досега не се активира оваа медицинска установа во која лекувањето на пациенетите со 30 насто е на товар на државата .

„По склучувањето на договорите со ЦУК за користење на ресурсите на приватните болници со што ќе бидат вклучени во системот на лекување на ковид пациенти во кризна состојба, ќе следува склучување на договори со Фондот за лекување пациенти. Координаторот лекар на ковид центарот во поранешна Систина ќе се утврдува дополнително“, пишува во соопштението на Министерството за здравство.

И додека здравство топката ја префрлуват во ЦУК од таму пак, велат дека чекаат насоки од здравствените власти. Во членот 33 од Законот за управување на кризи пишува:

„Во случај на кризна состојба, по барање на Владата врз основа на договор склучен со Центарот или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и другите правни лица кои не се опфатени во став 1 на овој член.“

И додека јавноста чека да се обезбедат дополнителни капацитети за пациенти болни, во јавното здравство остануваат 140 слободни кревети.

Андирјана Атанасовска