ВМРО- ДПМНЕ на протест против владините политики

01.12.2020 16:27

ВМРО- ДПМНЕ повторно на протести против владините политики за отворените прашања со Бугарија. Пред МНР и Владата бараа оставка од премиерот и министерот за надворешни работи. Ја обвинија власта дека го распродава македонскиот идентитет и историја. Земјата е во ситуација да бира мегу асимилација или интеграција – изјави лидерот Мицкоски...

Ова се историски моменти за Македонија во кои се одлучува иднината на нашите деца и внуци и треба да регираме одлучно, порача претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски од протестот пред македонската Влада. Предупреди –доколку се направи договор или анекс со кој ќе се загрозат македонските национални атрибути и ќе се негира постоењето на македонското малцинство во Бугарија, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ истиот нема да го почитува.

Насобраните граѓани  со став - оставка од Заев и крај на преговорите со Софија за работи за кои не смее да се преговара. Од Брисел и од земјите членки побараа  измислени билатерални спорови да не влијаат врз интеграциите, а на Македонија да ѝ се определи датум за почеток на преговорите почитувајќи го при тоа македонскиот национален идентитет.

Протест имаше и пред зградата на Министерството за надворешни работи. Од ВМРО – ДПМНЕ најавија дека и утре ќе се протестира на истите локации.

 

Марија Котовска