Светски ден за борба против ХИВ/СИДА

Во Македонија годинава нови 29 потврдени ХИВ позитивни

01.12.2020 14:00

Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Во нашата земја, во текот на 2020 година, до 30 ноември регистрирани се вкупно 29 нови лица со потврдена ХИВ-инфекција, а новодијагностицираните припаѓаат на различни возрасни групи од 20 до 69 години. Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 25 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи кои имаат сексуални односи со мажи, а 4 лица се изјасниле како хетеросексуалци- информираат од Министерството за здравство.

Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите. Останатите половина биле дијагностицирани во други здравствени установи или дошле од странство.

До овој момент на Клиниката за инфективни болести вкупно 306 пациенти се вклучени во системот на здравствена заштита во врска со ХИВ, а 99% од нив примаат антиретровирусна терапија, што е исклучително висок процент. Само 3 лица сè уште не почнале да примаат терапија, поради тоа што во тек е спроведувањето на неопходни претходни анализи, средување на документи поврзани со здравственото осигурување, или по личен избор на пациентот.

Во овој момент кај 91% од пациентите вирусот е супримиран, односно имаат т.н. недетектабилно ниво на вирус во крвта. Се очекува ова да се постигне кај сите пациенти коишто почнале со терапија. Тогаш имунитетот на пациентите може да ја врши својата функција и да се регенерира, а исто така, исклучена е и можноста за пренос на вирусот.

Во текот на 2020 година починаа вкупно 6 пациенти, при што 4 лица биле доцна дијагностицирани, а 2 лица одбиле да се лекуваат.

На сите пациенти им се нуди стручна психосоцијална поддршка во врска со започнувањето на антиретровирусната терапија со цел да се осигура правилно и редовно земање на лекови и да се избегнат евентуални несакани ефекти. Пациентите имаат постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка. Во услови на КОВИД-19 се остварува и зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето.

Соња Стојановска