Средба Османи- Бучковски

Бучковски: Убеден сум дека ќе најдеме решение

02.12.2020 15:48

„Убеден сум дека ќе најдеме решение. Можеби не за седум дена, ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат“- порача поранешниот премиер Владо Бучковски кого Владата го назначи за специјален претставник на земјава во Бугарија. Не сакаше да открие кои чекори ќе се преземат во наредните неколку денови за евентуално да се издејствува прва меѓувладина конференција до крајот на годината...

Можеби не за седум дена до одлуката на ЕУ за Преговарачката рамка, но решение за надминување на кризата во односите со Бугарија е можна, вели новонаименуваниот специјален пратеник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски. Смета дека со неговото искуство и контакти со бугарските политичари ќе придонесе за враќање на довербата меѓу двете земји и со тоа отворање на патот на земјава кон ЕУ.

Бучковски истакна дека нема пораките до бугарските пријатели да ги соопштува преку медиумите, туку лично. Смета дека понекогаш и молчењето е напредок кон постигнување на решение.

Назначувањето на Бучковски за специјален пратеник во Софија е и за да се надмине проблемот со немањето амбасадор во Бугарија, истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи по првата средба со специјалниот пратеник Бучковски. Стои на ставот дека клучот на успехот е враќање на довербата меѓу двете земји и поинтензивно спроведување на обврските од потпишаниот Договор за добрососедство.

И специјалниот пратеник и министерот за надворешни се согласни дека ќе се инсистира на почитување на Договорот за добрососедство со Бугарија и нашите црвени линии за идентитетот и јазикот.

Во меѓувреме, ќе се интензивира работата на експертската комисија за историски и образовни прашања и изградбата на инфраструктурата за поврзување на двете соседни држави.

 

Ирина Гелевска