Дополнителни субвенции за лозарите
Почна пријавувањето за дополнителните субвенции за лозарите од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Производителите на винско грозје од Сортите Смедеревка, Вранец, Црн Бургундец, Станушина, Кратошија, Жилавка и Кадарка, ќе добијат по 2 денари за предаден килограм во регистрирани винарници. Поднесувањето на барањата е до 25-ти декември...

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството ги информира производителите на грозје дека до 25- ти декември, може да поднесуваат електронски барања за произведениот и предаден род во регистрираните винарници.
За оваа субвенција може да аплицираат сите кои предале грозје од сортите Смедеревка, Вранец, црн Бургундец, Станушина, Кратошија, Жилавка и Кадарка. Целта е директно да се влијае на намалување на загубите на производителите.
Инаку и годинава без разлика на сортата ќе можат да се користат и субвенции за оддржување на постоечките насади.
Корисниците на оваа мерка се земјоделските стопанства кои имаат површини под лозови насади од најмалку 0,2 хектари. Услов е бројот на садниците да не е помал од 1.389 по хектар, и да се подигнати до пролетта 2019-та година.
По 40.000, односно 48.000 денари за хектар ќе добиваат лозарите кои имаат површина од 1 до 10 хектари, а финансиската поддршка е 100 проценти. За поголемите површини, субвенциите се намалуваат скалесто и тоа најмногу до 30 насто за лозјата над 30 хектари.
Методија Трајков
