Иран дополнително ќе го збогатува ураниумот, се забрануваат инспекциите од ОН
Иран дополнително ќе го збогатува ураниумот. Се забрануваат инспекциите од Обединетите Нации. Пред една деценија, сомнежите дека Техеран ја злоупотребува својата нуклеарна програма за прикривање на производство на нуклеарни бомби резултираа со санкции од ЕУ, САД и ООН. Договорот од 2015 година требаше да ја ограничи програмата во замена за укинување на казнените мерки.

Со нов закон одобрен од Парламентот, Иран ги забранува инспекциите на нуклеарните локации од страна на тимови од ООН, и добива дозвола за дополнително збогатување на ураниумот. Доколку за два месеца европските потписници на Нуклеарниот пакт не обезбедат помош за штетата од американските санкции во енергетскиот и банкарскиот сектор, владата во Техеран ќе може да продолжи со процесот и до 20% што го надминува лимитот од 3,67% утврден со Договорот од 2015 година. Претседателот Хасан Рохани кој се смета за припадник на поумерените политички струи е против одлуката на парламентот во кој доминираат структури за построг пристап кон Западот.
„Медиумите шпекулираат дека не сум отишол во Парламентот поради усвојувањето на документот. Владата не се согласува со документот и смета дека е штетен за тековните дипломатски напори. Во парламентот не заминав поради протоколот за ковид-19“, изјави иранскиот претседател, Хасан Рохани.
Одлуката следува по убиството на еден од врвните ирански научници Мохсен Факризадех кој загина во мистериозен напад на пат во околината на Техеран. Владата во Техеран тврди дека Израел и протераната опозициска група употребиле оружје со далечинска контрола за да го ликвидираат.
Израел без официјален коментар за убиството на Факризадех, но пред две години во едно телевизиско обраќање, премиерот Бенјамин Нетанјаху побара од јавноста да го запамети името на научникот кој, според него, бил лидер на таканаречениот „Проект Амад“ за создавање на оружје.
Пред една деценија, сомнежите дека Иран ја злоупотребува својата нуклеарна програма за прикривање на производство на нуклеарни бомби резултираа со санкции од ЕУ, САД и ООН. Договорот од 2015 година требаше да ја ограничи програмата во замена за укинување на санкциите. Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден изрази подготвеност за нови преговори со Техеран, но во консултација со сојузниците, и тоа откако Иран повторно ќе почне да ги почитува обврските.
Маја С. Филдишев
