Грижата за лицата со попреченост да биде континуирана низ целата година
Нашата држава ја има ратификувано Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост пред скоро една деценија, но сѐ уште заостануваме со нејзина целосна имплементација вели претседателот на државата Стево Пендаровски. Денеска се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Денеска најмногу внимание се посветува на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат токму овие лица, но сите се сложуваат дека грижата треба да биде континуирана во текот на целата година...

Зголемување на додатоците за мобилност, за туѓа нега, за посебен детски додаток. Бараат од сојузот на слепи. Се жалат дека не се ниту во правилникот на Фондот за здравство за помагала. Единствено помагало што може да го земат преку фондот е белиот стап.
Комуникацијата, информираноста, сиромаштијата, невработеноста, образованието и инклузијата во сите други културни општествени процеси се дел од проблемите со кои се соочуваат глувите и наглуви лица со години.
Се намалува возраста кога личната асистенција станува законско право- од сегашните осумнаесет на шест години, најавија од Владата. Рекоа дека од идната година услугата лична асистенција ќе биде достапна и за децата со потешка и најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот. Согласно со Законот за основното образование усвоен минатата година, специјалните училишта до 2023-та треба да прераснат во ресурсни центри кои ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта.
Нашата држава ја има ратификувано Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост пред скоро една деценија, но сѐ уште заостануваме со нејзина целосна имплементација, смета претседателот на државата Пендаровски.
Од Националниот совет на инвалидските организации ја истакнаа потребата од континуирани акции за подигнување на јавната свест и информирање на јавноста за правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост, на национално и на локално ниво. Се осврнаа на образованието на лицата со интелектуална попреченост и на доследната имплементација на новиот закон за основно образование, кој јасно промовира инклузивно образование.
Ана Јосифоска- Тодоровска
