Се подготвува теренот за монтажната болница во Куманово

03.12.2020 16:11

Се подготвува теренот за поставување на монтажната ковид болница во Куманово. Очекувањата се објектот да се заврши до крајот на месецов. Болницата засега располага со три ковид оддели. Надлежните информираат дека последнава недела бележат намалување на бројот на приеми, а зголемување на оздравени пациенти, што дава надеж.

Во кругот на кумановската болница, во близина на инфективното одделение се подготвува теренот за поставување на модуларен ковид центар, кој ќе има капацитет за 40-ина легла. Болницата ќе се постави на местото на сега веќе урнатиот објект на физикална терапија.

Во новите монтажни објекти ќе се сместуваат пациенти со средно-тешка и полесна клиничка слика, а ќе има и тријажен центар и амбуланта.

Од болницата се надеваат дека до крајот на месецов монтажната болница ќе биде целосно завршена.

„Подготовката на теренот е при крај уште некои мали инфраструктурни работи да се довршат инвеститорот го очекуваме од понеделник да дојде и да отпочне со работа“, изјави директорката на кумановската болница, Снежана Захариева.

Во трите ковид оддели во кумановската болница  се сместени 110 пациенти, а има и 15-ина слободни кревети. Последнава недела намален е бројот на приеми, а има зголемување на оздравени пациенти, што дава надеж, бидејќи обемот на работа е голем, а персоналот работи со максимални напори. Досега никој од матичните, ниту пак специјалистите, не покажал интерес за волонтирање. Оваа здравствена установа речиси една недела ја обезбедуваат армиски припадници и полициски службеници, иако засега немало никакви инциденти.

„Тие се на оние места каде што има најголема концентрација на пациенти кои што чекаат да бидат прегледани, на инфективниот оддел и на одделот за радиодијагностика, кај што чекаат за рендген снимки. Немало досега некои проблеми меѓутоа е добро кога имаме присуство на униформирани лица“, вели Захариева.

Од почетокот на пандемијата во Куманово се регистрирани над 3.800 случаи заразени со коронавирусот, од кои активни се 884. И покрај постојните апели за почитување на мерките, се уште може да се видат редици пред банките, поради што кризниот штаб упати барање до Народната банка овие институции да воведат дополнителна редарска служба.

 

Елена Георгиевска