Поради пандемијата со коронавирус Кралицата Елизабета ќе го помине Божиќ во Виндзор
За прв пат по 33 години, кралицата Елизабета Втора и принцот Филип ќе ја прескокнат долгата традиција на славење Божиќ во замокот Сандрингем во Норфолк, објави Бакингемската палата, пренесуваат британските медиуми.

Наместо тоа, кралицата и војводата од Единбург ќе го поминат Божиќ во Виндзор. Секоја година кралската двојка ја поминува сезоната на празници и Новата година со своето семејство на приватен имот од 8.000 хектари во Норфолк.
Во текот на целата година, се работеше на сè за кралицата (94) и нејзиниот сопруг (99) да бидат што е можно повеќе заштитени од вирусот, а само на мал број луѓе им беше дозволено да им пристапат.
Последен пат кралскиот пар го прослави Божиќ во Виндзор во 1988 година.
Божиќната порака на кралицата и оваа година ќе се емитува во 15 часот на Божиќ.
Дијана Гогова Атанасова
