Скапоцени камења- украс или моќни заштитници

Син сафир- камен на мудроста, љубовта, мирот

04.12.2020 10:39

Верувањето во влијанието на скапоцените и полускапоцените камења и благородните метали на човечката судбина има длабоки корени. Од дамнешни времиња луѓето изработувале амајлии со кои се обидувале да привлечат позитивно влијание и да ги избркаат негативните сили...

Скапоцените и полускапоцените камења не се само украс и статусен симбол туку поседуваат и одредени енергетски вибрации. Историските записи не потсетуваат дека древните народи ги користеле нивните моќи. Верувањето во влијанието на скапоцените и полускапоцените камења и благородните метали на човечката судбина има длабоки корени. Од дамнешни времиња луѓето изработувале амајлии со кои се обидувале да привлечат позитивно влијание и да ги избркаат негативните сили. Го користеле и во терапевтски и козметички сврхи, правот го користеле како шминка, а состојките како делод медикаментите. Во многу култури постојат и учења дека благородните минерали претставуваат алтернативен начин на лекување и на јакнење на телото. Кога човекот ќе се разболи му се нарушува вибрацијата, а фреквенцијата на камењата кои се блиску до него го враќа во нормала.

Во астрологијата секоја планета или соѕвездие има свој скапоцен камен или благороден метал, кој пак ги поддржува особините во согласност со хороскопскиот знак.

Во наредните содржини ќе ви понудиме сознанија за неколку вредни камења кои освен како омилен украс можеби ќе ви помогнат и за некои други состојби.

Синиот сафир е скапоцен камен на хармонијата, мирот, на верноста и на љубовта. Старите народи верувале дека сето небо е еден џиновски син сафир во кој е вгнездена земјата. Се верува дека заштитува од од љубомора , завист и други мрачни сили. Некои древни писатели дури верувале дека и десетте божји заповеди се напишани на син сафир.

Во време на Римското царство станал симбол на Свети Павле, а во текот на средниот век, католичките надбискупи и папи со генерации почнале да го носат како камен на прстените. И вереничкиот прстен на покојната принцеза Леди Дијана бил со син сафир. Сафирот во основа е безбоен, но, поради примесите може да биде жолт, во сите нијанси на сино, портокалов, виолетов или црн. Сепак најпознат е синиот сафир.

Бидејќи во сафирот се прекршуваат 6 светлосни зраци, а 6 е бројот на планетата Венера, овој камен некогаш бил љубовна амајлија. Се верувало дека ако го носи некој прељубник сафирот ја менува бојата или одбива да сјае. Се верува дека дека е толку моќен,што го заштитува сопственикот дури и ако го продаде каменот. Старите луѓе верувале дека во сафирот е содржана мудрост. Верувале дека оној што го носи, кога ќе неиде на проблеми моќта на каменот му помага да го најде решението, зашто му се отвора умот и му се засилува интуицијата. Ја засилува животната сила и му помага на сопственикот да ги исполни свесните мечти.

Се смета дека синиот сафир е најдобар за личности што водат урамнотежен живот, кои се одговорни и енергични, отворени за нови идеи и влијанија. Помага за ослободување од непожелни мисли, носи радост и мир. Синиот сафир е духовен камен затоа што се поврзува со љубов и чистота. Помага да останеме на духовен пат, а се користи за да ја трансформира негативната енергија во позитивна. Олеснува искажување на личните ставови и вистината. Насочува, го смирува умот и менталната напнатост. Неговата висока фреквенција воспоставува рамнотежа во телото, меѓу физичкото, менталното и духовното ниво. Ги смирува нервите, го ублажува стресот, чува од несоница и ноќни мори.

Сината боја на сафирот асоцира на постојаност и доверба, па затоа често се користи како камен во женските веренички прстени. Симболизира верност, а истовремено изразува љубов и копнеж. Се смета дека е добар за оние што се родени во септември и за оние со зодијачкиот знак водолија.

Соња Стојановска