Тутунарите од струмичко на протест, бараат повисоки откупни цени

04.12.2020 14:13

Струмичките тутунари бараат надлежните итно да најдат решение за ниските откупни цени. Во спротивно се заканија дека протестите ќе ескалираат со блокади на патиштата и откупните пунктови...

Триесетина тутунопроизводители од струмичко Градашорци утрово се собраа за да го искажат својот револт од досегашните ниски откупни цени по кои го продаваат тутунот, како и поради неотворените откупни пунктови. Велат дека единствен извор на егзистенција им е тутунот, а сега треба да го продаваат за, како што рекоа, шише масло.

Бараат надлежните итно да најдат решение. Во спротивно се заканија дека протестите ќе ескалираат со блокади на патиштата и откупните пунктови.

Вчера и заменик министерот за земјоделство, Трајан Димковски рече дека од почетокот на откупот има неочекувано ниски цени по кои се продава. Затоа денес во министерството заедно со министерот Хоџа одржуваат состанок со тутунопроизводителите и со откупувачите.

Во првите денови од откуп на тутунот, постигнати се цени од 140, 160 па и 170 денари за килограм сув тутун. Годинашниот род на тутунот се проценува на околу 23.000 тони.

Стојне Митева