Шлаус: Македонија ќе стане членка на Европското семејство
Споровите се некогаш територијални, а некогаш идентитетски, но исто како Италија, Украина, а дури и Русија, Mакедонија е лулка на европската цивилизација...

Mакедонија ќе стане членка на европското семејство. Споровите се некогаш територијални, а некогаш идентитетски, но исто како Италија, Украина, а дури и Русија, Mакедонија е лулка на европската цивилизација. Ова во интервју за МРТ го изјави претседателот на Светската академија за науките и уметностите, еминентниот академик Иво Шлаус.
За невработеноста како главен предизвик на Европската унија, но и на целиот свет, со претседателот на Светската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус, разговараше Зоран Богатинов...
Македонската телевизија има прилика да го интервјуира професор д-р Иво Шлаус, претседател на Светската Академија на Науки и Уметности, која беше основана во 60-те од умови од рангот на Ајнштајн, Ласвел, Опенхајмер? Како е да се претседава со таков брилијантен кампус на интелегентни умови?
Светската академија сега е вклучена во неколку проекти. Некои од нив се многу важни за сите земји во светот но и за Република Македонија. Еден од нив е прашањето на вработување. Сега имаме сериозни проблеми со вработувањето во светот, кога зборував со претседателот Баросо тој истакна дека во ЕУ ова е најголем проблем, и дека има две ранливи категории. Една се младите луѓе а другата се лица меѓу 45 и 50 години, зашто еднаш кога ќе загубат работа овие луѓе тешко ја добиваат повторно. Од друга страна можете да видите дека бројот на видовите работа се зголемува повеќе отколку бројот на луѓето. И затоа приказната дека не може целосно да бидат вработени луѓето е потполно неточна. Заклучок? Ни треба повеќе работа, ни треба повеќе различни вештини, бидејќи за 20-на години некои видови работа кои сега постојат може да исчезнат, и некои други да се појават.
Како го оценувате лидерството на нашиот претседател Иванов во неговиот изминат мандат? Има ли придонесено за признавање на нашата земја на меѓународна основа?
Да професорот Иванов е навистина личност со голем придонес досега и се надевам дека ќе продолжи како и во иднина со втор мандат. Тој е млад човек и придонесува суштински за Република Македонија, за нејзиниот развој но и за целиот регион на Југоисточна Европа и за Европа во целина и за Светот. И тоа беше причината зошто Светската Академија го избра професоротИванов, да се послужам со оваа титула, за нејзин член. И за во иднина, гледаме оваа соработка да се збогати. Академијата има свои членови, но сакаме да отвораме центри, како во Индија или Романија, и би било уникатно да имаме ваков центар и тука, којшто би бил активен на повеќе начини. На пример да биде поврзан со Школата на млади лидери. И ова може да се направи. Колку што се сеќавам, во Македонија пред десетина години беше основан Универзитет на македонски, албански и англиски и на многу начини тој е единствен.
Важно е што се однесува до Европската Унија и Република Македонија, професорот Иванов покажа како овие семејни вредности треба да се третираат и да се шират во Македонија и од кај вас и на други места. Како што реков, Македонија е дел од Југостиочна Европа, во многу случаи како и Блискиот Исток е лулка на целата наша цивилизација.
Во време на декларирано проширување на Европската Унија, има блокирања или најави за вета од некои земји. Имаме наметнато вето, например, од Грција кон Македонија, каква е вашата оценка?
Република Македонија, како Грција,како и Италија е интегрален дел на Европа. Дури и Украина па и Русија треба да се дел од Европа. Европа не треба да се ограничува. Има проблеми, се разбира, некогаш има недоразбирања со некоја мала територија, некогаш е прашање на идентитетот. За разлика од словенечко-хрватскиот спор кој е територијален, овде е прашање на идентитетот.
Сметам дека е важно за Македонија да биде вклучена во ЕУ и да придонесува со својата уникатност кон европскиот идентитет. Сметам дека тоа е клучно и знам, убеден сум, дека претседателот Иванов лично, преку неговата работа, преку неговата работа како лидер на земјата, неговата работа како претседател на Македонија даде голем придонес во целиот свет. И како професор придонесе, придонесува и ќе придонесува за овој процес. И многу сум оптимист за иднината на Р. Македонија.
