Странци во сопствената држава
Тој 27, јас 35 години, и двајцата родени во Скопје, јас државјанин на земјава, тој апатрид. Ваква е судбината на нашиот млад соговорник, чијшто идентитет го заштитивме за да не го изложиме на дополнителна стигма...
Тој 27, јас 35 години, и двајцата родени во Скопје, јас државјанин на земјава, тој апатрид. Ваква е судбината на нашиот млад соговорник, чијшто идентитет го заштитивме за да не го изложиме на дополнителна стигма. Поради тоа што нема државјанство, тој нема здравствено осигурување, социјална заштита, не може да дојде до постојано вработување, да гласа на избори и не може да оствари редица други права.
„Роден сум во Република Македонија, имам завршено основно и средно образование, живеам тука во Република Македонија, а да немам државјанство, тоа е неправда. Тоа е голема неправда со којашто ми се скратува човековото право за живеење, немам нормален живот како и секој друг граѓанин на Македонија“, ни изјави соговорникот кој е лице без државјанство.
Проблемот на овој млад човек е наследен од неговите родители уште од распадот на Југославија и заедно со редица други се провлекуваат во изминативе три децении.
Колку луѓе во земјава го делат проблемот на нашиот соговорник никој точно не знае, бидејќи речиси 20 години немаме попис. Овие луѓе се странци во сопствената држава, во државата во којашто се родени, живеат, каде што растат нивните деца, каде што плаќаат данок, но државата не ги препознава како нејзини државјани.
Загрижува фактот што и децата на овие луѓе немаат државјанство, па се формира маѓепсан круг, проблемот се пренесува од генерација на генерација, одново и одново.
„МВР нема официјална бројка колку лица се соочуваат со овој проблем, меѓутоа јас можам да ви кажам од нашето искуство на терен, секојдневно доаѓаат нови случаи на вакви лица, буквално заборавени по распадот на Југославија, заборавени од државата во однос на нивниот законски престој“, ни изјави Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници.
Од Владата објаснуваат дека досега двапати им е овозможено на оваа категорија луѓе да се стекнат со наше државјанство, во 1993-та и во 2004-та. Можноста ја искористиле 66 илјади 651 лице.
„Република Северна Македонија е единствена држава која досега двапати им овозможи под привилегирани основи да се стекнат со државјанство на Република Северна Македонија на државјаните на другите републики во поранешната СФРЈ и на државјаните на поранешна СФРЈ. Другите држави од поранешна СФРЈ еднаш во времето на сукцесијата им овозможија да се стекнат со нивното национално државјанство“, велат од Владата.
„Тие се всушност странци во држава во којашто исполнувале услови за државјанство, но поради проблеми и неинформираност не успеале да го обезбедат државјанството во тој поглед. Мислам дека Македонија е за пофалба што на два наврата се има обидено да го реши овој проблем, но очигледно е дека и со тоа не се покриени сите лица“, вели Вилдан Дрпљанин, Хелсиншки комитет за човекови права.
Пред две години е донесен нов Закон за странци, па овие луѓе можат да се пријават за постојан престој во земјава во времетраење од 10 години. Нашиот соговорник гледа шанса за подобар живот.
„Се пронајдов себе си, ги исполнувам сите услови за добивање постојан престој, меѓутоа после одреден период поднесов за постојаниот престој и оттогаш досега има речиси една година како што е поднесено, со сите потребни документации за поднесување, во Законот вели дека после 4 месеци требаше јас да добијат одговор дали е позитивно одлучено или одбиено, меѓутоа една година помина и немам добиено никаков одговор“ , вели нашиот соговорник кој е лице без државјанство.
„Идејата е дека на тој начин тие ќе бидат покриени во однос на основните права коишто им ги гарантира државата, но сепак, разликата меѓу државјанството и постојаната дозвола за престој не е мала“, вели Вилдан Дрпљанин од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Со постојан престој имаат право на здравствено осигурување, на социјална заштита, пристап до право на вработување, меѓутоа проблемот е што они не се државјани на државата, немаат право да гласаат, немаат македонски пасош, можат да добијат само пасош за странец, што значи дека се лимитирани во однос на правата коишто ние како македонски државјани ги имаме“, објаснува Александра Ефремова од Македонско здружение на млади правници.
Со нашиот соговорник се отпоздравивме со констатацијата дека е тешко е да си странец во туѓа држава, но уште потешко е да си странец во сопствената држава.
Мартин Пушевски
