Заев: Идентитетот и јазикот се зацементирани
Жалам што Комисијата не направи напредок, коментира премиерот Заев, ден по неуспешниот состак на историчарите. Сѐ уште се надева дека ќе има исчекор од официјална Софија. Разговорите продолжуваат, но Владата ја остава и можноста да не се одржи првата меѓувладина конференција. Македонскиот јазик, народ и посебност не се ниту тема, ниту на масата за разговори, уверува Заев. Во Бугарија, група интелектуалци преку отворено писмо порачаа дека е неприфатливо оспорувањето на македонските нација и јазик...

Со придавката „Македонски“ се зацементирани нашиот идентитет и јазик, уверува премиерот Зоран Заев. Вели дека жали што последната средба на мешовитата историска комисија заврши неуспешно.
„Немаше инвентивност, ниту храброст кај двете страни“, смета Заев коментирајќи го моментот дека бугарската страна се противела во записниците да стои „Македонски“. Дури и Каракачанов, вели шефот на владата употребува „Македонци“ и „Македонски“. Според него, Бугарија и Македонија преку мешовитата комисија треба да разговараат за нешто што им е заедничко, а не за нешто што ги разделува.
Неприфатливо е оспорувањето на македонската нација и јазик. Несоодветно е да се очекува едната страна во преговорите да изврши политичко самоубиство. Ова е реакцијата на 30-тина бугарски интелектуалци кои преку писмо упатено до бугарскиот државен врв и ЕУ нагласуваат дека е исклучително загрижувачки што Софија го блокира почетокот на преговорите, со аргумент кој е неразбирлив за современите меѓународни односи. Бугарските интелектуалци бараат двете земји да разговараат за соработка во културата, економијата, политиката и екологијата, а инфраструктурата, Коридорот 8 да се именува „Гоце Делчев“.
Инаку, слично на македонскиот премиер Заев и специјалниот пратеник за Бугарија е оптимист во изнаоѓањето решение. Бучковски во интервју за бугарски медиум вели дека македонската влада е свесна оти треба да изготви патоказ за да покаже дека е цврсто посветена на спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Миле Ристески
