Филипче: Граѓаните да не земаат лекови на своја рака
Граѓаните на своја рака да не земаат лекови за кои не е докажано дека помагаат во борбата со коронавирусот – апелираат министерот за здравство и медицинските работници. Филипче објаснува дека терапиите се даваат само под контрола на стручни лица, бидејќи Ковид-19 се манифестира во различни форми на болеста...

Граѓаните да не земаат лекови кои не се докажани дека помагаат против коронавирусот – апелираше министерот Филипче. Специфичен лек за Ковид-19 нема. Болните се третитаат според симптомите. Во изминатиов период, многу луѓе на своја рака, по сопствено убедување, без консултација со лекар, нелегално го набавуваа лекот Фавипиравир од земјите во соседството и преку интернет .
„Специфичен и посебен лек за оваа болест нема. Се прави комбинација на постојни терапии за други болести или согласно симптомите коишто ги дава оваа болест. Мора да знаеме дека има навистина широка лепеза на симптоми со коишто оваа болест може да се манифестира. Во таа смисла апелирам да секој еден пациент во консултација со матичниот лекар или за време на болничкото лекување, апсолутно само под контрола на лекар да прими соодветна терапија“, изјави министерот Филипче.
Агенцијата за лекови го одобри увозот на лекот Фавипиравир во земјава, но граѓаните од аптека можат да го земат само со рецепт, по препорака на лекар.
Фавипиравир и Ремдесивир се антивурусни лекови, но нема докази дека делуваат на коронавирусот – велат за МТВ од Фармацевтската комора. Сепак, оваа терапија се применува кај пациентите со лесна или средно – тешка клиничка слика, исклучиво по препорака на инфектолог. Доктор Ангеловска додава, несоодветната употреба може да доведе до несакани реакции.
„Не се искличени од терапијата за коронавирусот, но немаат главна индикација, мора строго внимателно и по препорака на лекар. Лекарот знае што сѐ зема пациентот и кои други болести ги има. Да речеме кај компромитиран црн дроб, кај бубрежни заболувања кај некои други хронични заболувања кај што пациентите земаат и други лекови навистина може да биде опасно“, изјави проф. д-р Бистра Ангеловска, претседател на Фармацевтска комора.
Болничките капацитети низ земјава се речиси целосно исполнети. Кај здравствените власти има оптимизам дека до крајот на годината ќе се изградат модуларните болници во Штип, Струмица, Струга и Гевгелија.
Андријана Атанасовска
