Стружанец со Даунов синдром е првиот вработен уличен продавач во земјава

05.12.2020 16:29

По осум години како хонорарец, стружанец со Даунов синдром стана првиот вработен уличен продавач на списанието „Лице в лице“. Ги почитува мерките за заштита, но продажбата е намалена поради пандемијата…

33- годишниот Игор Шајноски од Струга е првиот вработен продавач на списанието „Лице в лице“. Момчето со Даунов синдорм изминативе години важи за најдобар уличен продавач во земјава. Располага со исклучителни комуникациски способности. Охриѓани и стружани добро го знаат по неговата прекрасна насмевка.

Игор денес е рамо до рамо со своите колеги, вработените во Центарот за поддршка на лица со интелектурална попреченост во Струга „Порака Нова“.Тој е горд бидејќи прдонесува за семејниот буџет.

„Го купуваат списанието, запознавам пријатели со сите се дружам. Со ова што го работам со списанието придонесувам во домашниот буџет“ , вели Шајноски.

Осум години хонорарно го продавал списанието, за од април годинава да биде конечно вработен. Нема разлика меѓу Игор и неговите колеги, тој активно учествува во целокупната работа на Цетарот „Порака Нова“.

„Игор е заедно со нас во канцеларија и буквално не се чувствува никаква разлика, го чувствуваме како наш колега. Последниот период правевме анализи и стратегија, Игор придонесуваше во целиот тој процес“ , вели Анита Гагоска од Центарот „Порака Нова“.

Игор на терен носи заштитна маска и држи дистанца, свесен за ризикот од корона вирусот. Вели, го загрижува тоа што во пандемијата паднала продажбата на списанието.

„Го продавам списанието „Лице в лице“, но во ова време на пандемијата мислам дека е многу тешко и падна и продажбата“, додава Шајноски.

Игор е еден од деветте илјади продавачи на уличен печат во 35 земји ширум светот, тој е првиот вработен во земјава.

 

Соња Рилковска