За нереален откуп тутунарите ќе стопираат пунктови

05.12.2020 16:23

Тутунарите се жалат на ниските цени. Не им е јасно зошто нереално се цени родот. Сојузот на земјоделските здруженија се закани - ќе се стопираат вагите и ќе се бара инспекција. Најавени и протести...

Нема да дозволиме нереално да се цени тутунот на вагите и производителите  да бидат оштетени, порачаа од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија. Откупот почна катастрофално, се купува за класа-две пониско, одбитоците се многу високи.

Покрај четирите досега, од понеделник пункови ќе отворат уште четири компании, а последните две, до крајниот рок, 15-ти декември, ќе обезбеделе гаранции.  Доколку продолжи вака, поверениците се овластени да ги стопираат вагите.

Реално, цената треба да биде од 180 до 200 денари. Тутунарите се исплашени од ваквиот притисок што им го прават откупувачите. Со цени од 120 до 140 денари, нема исплатливост, туку уназадување на производството.

За тутунарите нејасно е зошто нереално се цени родот. Договорени за откуп се 23.000, а реколтата нема повеќе од 24.000 тони и нема многу вишок. Засега нема најава за увоз, а законот децидно укажува дека се увезува режан тутун и полуориентален за доработка.

Од прилепскиот Институт за тутун велат дека годинава е со просечен квалитет и за реалните состојби треба да се почека да почне редовниот откуп од 15-ти декември.

 

Елизабета Митреска