Ковид-19

Вакцинацијата како логистички предизвик

06.12.2020 17:05

Вакцините обезбедени, предизвик логистиката. Лекари советуваат – капацитетите навреме да се подготват, Филипче уверува – системот функционира. Комитетот за имунизација очекува до идната есен да се опфатат 70 проценти од популацијата...

Вакцините против коронавирусот се обезбедени, логистиката останува предизвик за здравствените власти. Од Aсоцијацијата на специјализанти и млади лекари предупредуваат, поучени од застојот со вакцините за сезонски грип, навреме да се подготват инфраструктурните и човечки капацитети.

„Поради фијаското со вакцините за грип, сериозно упатуваме апел да се подготват капацитети, инфраструктурни и човечки, со цел во Македонија да се врши вакцинација на најважните профили и ранливи категории, за најмалку 5.000 особи со цел да ги вакцинираме за 40 дена“ – велат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Министерот за здравство Филиче на средба со директорите на здравствените домови. Тие ќе треба да достават извештај за вкупните капацитети со кои што располагаат. Директорите добија задолженија да назначат лице кое ќе ја координира вакцинацијата. Инфраструктурата е добро поставена и функционира, уверува Филипче.

Од Комитетот за имунизација за МТВ, пак, објаснуваат дека процесот на вакцинација ќе се одвива етапно и ќе трае најмалку шест месеци. Приоритет ќе имаат здравствените работници во ковид центрите, хронично болните и граѓаните над 65 години. Целта е до следната зима колективен имунитет да има 70 проценти од популацијата.

Преку КОВАКС - механизмот во земјава набавени се 833 илјади дози, со нив ќе бидат вакцинирани околу 400 илјади граѓани. Овие вакцини се очекува да пристигнат следната година, најдоцна до март. Здравствените власти се оптимисти дека дополнителни 800 илјади вакцини ќе обезбедат преку Европската комисија и директно од производителите.

 

Андријана Атанасовска