Народна банка: Пад на економијата од 4,9% во 2020-та

07.12.2020 13:08

Народна банка проектира пад на економската активност за 4,9 насто до крајот на годинава, наместо проектирани 3,5 во април. Закрепнување на економијата со интензитет од 3,7 односно 3,6 проценти, е предвидено во следните две години...

Народна банка проектира пад на економската активност за 4,9 насто до крајот на годинава, наместо проектирани 3,5 во април. Закрепнување на економијата со интензитет од 3,7 односно 3,6 проценти, е предвидено во следните две години. Инфлацијата е на ниво од 1,1 насто, а дефицитот 3,7 насто од бруто домашниот производ. Ризиците од пандемијата, и натаму се изразено надолни, оценува централна банка.

„Во 2020 проектираме пад на економската активност од 4,9 проценти наспроти пад од 3,5 проценти во април и априлскиот циклус на проекции во услови на послаби остварувања во првата половина од оваа година и оценки за поспоро закрепнување во втората половина, имајќи ги во предвид вториот бран на пандемијата. На среден рок предвидуваме постепено, но доумерено закрепнување на економската активност со стапки на раст од 3,9 проценти, 3,6 проценти и 4 проценти во 2021, 2022 и 2023 година соодветно. Оваа стапка на раст значи дека економијата би се вратила на преткризно ниво во текот на 2022 година“, рече на денешната видео прес-конференција гувернерката Ангеловска-Бежоска.

За разлика од априлските проекции, како што појасни, најновиот циклус на макроекономски проекции претпоставува подолготрајни и продолжени ефекти од пандемијата на Ковид-19 и врз глобалната и врз домашната економија. Согласно со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година.