Царовска: Онлајн наставата без проблеми, вирусот не се шири

07.12.2020 13:33

Оценувањето за првото тримесечје заврши без поголеми тешкотии. Комбинираната настава дава резултати, министерката Царовска смета дека на овој начин треба да продолжи и второто полугодие. Вели, доколку се создадат услови, учениците ќе се вратат во клупите, но за тоа ќе одлучат здравствените власти.

Вирусот меѓу учениците не се шири, онлајн наставата се одвива без проблеми, тврди министерката за образование. Оценувањето за првото тримесечје заврши без поголеми тешкотии. Комбинираната настава дава резултати, министерката Царовска смета дека на овој начин треба да продолжи и второто полугодие. Вели, доколку се создадат услови, учениците ќе се вратат во клупите, но за тоа ќе одлучат здравствените власти.

„Првото тримесечје помина без поголеми проблеми, оценувањето заврши во петокот. Имав состанок со сите директори на основни и средни училишта, не кажаа дека постоеле предизвици и ако во некои се појавиле предизвици тие ги надминале заедно со наставниците и со дел од семејствата, доколку требало да се направи оценување со физичко присуство. Кај дел од училиштата се појавува и денови отворени за консултации со учениците за да може да се надополни знаењето коешто можеби е испуштено заради следење на настава преку телевизија“, изјави Царовска.

Министерката за образование наведе дека позитивни со статус од 4 декември се 76 ученици и 167 наставници. Ова укажува дека протоколите во целост се спроведуваат и дека засега немаме интерно ширење на болеста во училиштата. Затоа образовниот систем треба да продолжи да работи на начин на кој што ја започна учебната година, посочи Царовска.