Пад на економијата за 4,9% во 2020-та
Пад на економската активност за 4,9 насто до крајот на годинава, предвидува Народна банка. Закрепнување на економијата со интензитен од 3,9, односно 3,6 проценти е предвидено во следните две години. Инфлацијата е на ниво од 1,1 насто, а дефицитот 3,7 насто од бруто домашниот производ. Ризиците од пандемијата, и натаму се изразено надолни, оценува Централна банка...

Ноемвриските проекции на Централната банка го продлабочија падот на домашната економија поради негативното влијание на здравствената криза со Ковид- 19. Влошувањето на перформансите на светската економија за -4,4% предизвика надолно поместување и на прогнозите за македонската економија за 2020-та.
„За 2020 година проектираме пад на економската активност од 4,9%. Наспроти падот од 3,5% во априлскиот циклус на проекции. Во услови на послабо остварување во првата половина од оваа година и оценки за побавно закрепнување и заздравување во втората половина имајќи го во предвид вториот бран на пандемијата“, изјави гувернерката Ангеловска- Бежоска.
На среден рок гувернерката очекува умерено закрепнување на економската активност со стапки на раст од 3,9 %, 3,6% и 4% во 2021, 2022 и 2023 година. Сепак годинава сериозен пад има и нивото на инвестиции во земјава
„Падот на инвестициите оваа година е 11%, меѓутоа на среден период очекуваме постепено закрепнување имајќи предвид дека се очекува постепено подобрување на глобалниот амбиент,постепено подобрување на домашниот амбиент што се очекува позитивно да влијае на очекувањата за економскиот амбиент кои што пак се многу значајни детерминанти на инвестициските и потрошувачките одлуки“, вели Ангеловска- Бежоска.
Народна банка најавува солидната кредитна поддршка на банкарскиот систем вклучувајќи ги и кредитните линии обезбедени од меѓународните финансиски институции да ги придвижат и домашните инвестиции, што ќе бидат поддржани и со закрепнувањето на странските директни инвестии што би се вратиле на просечното годишно ниво од 3% од БДП.
Растот на нивото на нашиот јавен долг е слично на земјите од регионот, вели Бежоска, која очекува мудро користење на буџетските ресурси и на среден рок консолидирање на јавниот долг. Основната каматна стапка останува на историски најниското ниво од само 1,5% годишно, при ниска стапка на инфлација, вели гувернерката која потврди пад на приватните трансфери за 26% поради пандемијата и кризата во развиените земји.
И Државната статистика соопшти дека во третиот квартал македонската економија забележала пад од 3,3%. Најдобро минало земјоделството каде што има раст од 5,2% и градежништвото со 3,4%, но намалувањето на финалната потрошувачка на домаќинствата за 1,4 насто ја симна во минус стапката на раст, затоа што учествува со дури 66% во структурата на БДП.
Свето Николовски
