Образoвниот модел дава резултати
Вирусот не се шири во училиштата, ако епидемиолошката состојба е поволна, во второто полугодие е можно учениците да се вратат во клупите, вели министерката Царовска. Но, за тоа ќе одлучуваат здравствените власти. Министерството најави, во април и во мај ќе имаат меѓународни тестирања за квалитет на образование...

Доколку епидемиолошката состојба е поволна, можно е учениците да се вратат во училиштата второто полугодие, но само со одобрување од здравствените власти. Министрката Царовска смета дека засега комбинираната настава дава резултати и треба да се продолжи во тој правец.
90 проценти од учениците и од наставниците без проблем се вклучени во он-лајн наставата, оценување за првото тримесечје завршило без потешкотии – оценува Царовска. Вирусот меѓу учениците не се шири, според последните податоци позитивни на Ковид-19 се 67 ученици и 167 наставници.
Во меѓувреме, надлежните се подготвуваат за меѓународни тестирања за учениците од четврто одделение и прва година. Со нив ќе се оценува квалитетот на образованието и знаењето на учениците.
Тестирањето ќе биде во мај и во април следната година. Опфатени ќе бидат четири илјади основци и три илјади средношколци. Досегашните тестирања покажале дека посетувањето на градинка и воннаставните активности биле особено важни во постигнувањето на резултати. Клучна била и поддршката на родителите во образовниот процес.
Последното ПИСА тестирање кај средношколците ја рангираше Македнонија во групата држави со најлоши резултати во читање, математика и природни науки. Во регионот, полоши резултати имале само учениците во Косово.
Андријана Атанасовска
