Мултиетничко Куманово сѐ уште гетоизирано

07.12.2020 16:21

Во Куманово периодов не се регистрирани инциденти на национална основа. Градот е пример за мултиетнички соживот, меѓутоа сѐ уште е гетоизиран, поделен на неколку реони, според национална основа. Од Комисијата за односи меѓу заедниците укажуваат дека планираните активности за спречување на меѓуетничката нетрпеливост и нетолеранција годинава ги одложи пандемијата...

Куманово е пример за градење и негување на меѓуетничките односи, меѓутоа градот сѐ уште е гетоизиран, поделен на неколку реони според националности, сметаат од Комисијата за односи меѓу заедниците при Општина Куманово. Од таму укажуваат дека периодов не се регистирани инциденти на национална основа. Но, нагласуваат дека останува уште многу да се работи на овој проблем, особено кај децата.

„Треба да се работи уште од градинките, да проработат повеќе мултиетнички градинки или билингвалните, да се работи во основните, средните училишта. Треба да се работи со населението од мали нозе, најмногу со децата. Да им се вреже во свеста што е тоа мултикултурализам и како треба да се живее со него“, вели Татјана Крстевска, од Комисија за односи меѓу заедници Општина Куманово.

За запознавање на културата и обичаите на различните етнички заедници, а воедно и спречување на меѓуетничката нетрпеливост и нетолеранција, изминативе години во Куманово се реализираа низа активности. Меѓутоа актуелната здравствена состојба годинава ги одложи сите планирани настани.

„Самата комисија има 6 националности од оваа година уште две, вкупно осум.  Да се запознаеме едни со други во ова мултиетничко Куманово и да бидеме пример во Македонија и светот како треба да се живее со повеќе народи на исто место, на овој простор“, истакна Крстевска.

Поради одложените активности, членовите на Комисијата за односи меѓу заедниците, предвидените средства ги искористија за набавка на заштитни маски, кои ги поделија на градскиот плоштад, но и на учениците од основните училишта.

 

Елена Георгиевска