Евроинтеграции

Сѐ помалку надеж за одобрување на Преговарачката рамка

07.12.2020 16:36

Пред состанокот на Советот, сѐ помалку надеж за одобрување на Преговарачката рамка. Властите до последен момент во обид да го деблокираат процесот, закочен од официјална Софија. Амбасадорот Гир уверува – вашата европска перспектива не е доведена во прашање...

Заклучоците на министрите на Европската унија за проширувањето со земјите од Западен Балкан се блокирани поради непопустливоста на Софија. Мали се шансите да бидат донесени на претстојниот Совет, а потоа и на лидерскиот самит. 

Дипломати за нашата Медиумска информативна агенција брифираат оти немаат надеж дека Бугарија ќе ја тргне блокадата за почеток на пристапните преговори, што создава фрустрации во Брисел поради неможноста да се направи напредок.

Додека Бугарија не отстапува од своите барања, евроамбасадорот Дејвид Гир со утешителен дипломатски тон- вели продолжете го дијалогот со Бугарија и реформскиот пат.  Не е прашање дали, туку кога ќе ги отпочнете преговорите.

Бугарскиот претседател Радев, пак, посочува дека бил првиот кој кажал дека неговата земја треба да има одржлива национална позиција и црвени линии во однос на Македонија.

Една од заложбите на Германија, како претседавач со Европската унија е дека во нејзиниот мандат ќе почнат преговорите со земјава, на што се надеваат и нашите власти, иако и премиерот Заев викендов ја остави можноста годинава да не се одржи првата меѓувладина конференција.

Миле Ристески