12-ти триумф за МЗТ Скопје во АБА лигата
15.03.2014 22:15
МЗТ Скопје славеше со 82:71 во СЦБТ, во навидум лесен, но психолошки тежок меч кој што беше со предзнакот задолжителна победа...

Со триумфот против Широки во Скопје, Аеродромци (12/12) се изедначија според победите со Игокеа (12/11) на 6-та позиција, но главниот конкурент на македонскиот шампион за директен пласман во Еврокупот, ќе го одигра својот меч од 24-то коло по два дена.
МЗТ Скопје славеше со 82:71 во СЦБТ, во навидум лесен, но психолошки тежок меч кој што беше со предзнакот задолжителна победа. Таквиот императив беше и најголемиот проблем за кошаркарите од Аеродром во цели 35 минути, но се си дојде на свое место во последните 5. Пред околу 2.200 гледачи во нашата најголема сала, МЗТ стигна до 9-та победа во 12 одиграни натпревари на домашен терен.
Аеродромци ги добија сите четири периоди (21:20, 22:19, 16:15, 23:17), го натскокаа противникот (35/25) кој што единствено во овој сегмент е статистички подобар од МЗТ во тековниот шампионат. Иван Маринковиќ ја одигра најдобрата партија, во дресот на шампионот на Македонија. Со неговиот најобар поентерски учинок од 20 поени, делуваше несопирлив во рекетот на гостите. Имаше 9 прецизни од вкупно 10 негови обиди за 2, а 8 од нив беа забивања.
Најдобар додавач на натпреварот беше Александар Костовски кој што најчесто го наоѓаше Маринковиќ, два пати со цепелин, во можеби најатрактивната партија во овој поглед, во двете сезони на МЗТ Скопје на Јадранот. Синовец беше втор стрелец и втор додавач, со 13 поени и со 5 асистенции. Гечевски имаше 8, а Чековски, Цветковиќ и Лучиќ постигнаа по 9 поени.
Кај противникот, најдобар поединец беше Џонс со 25 поени, Јанг постигна 14, но учинокот на Американците во редовите на Широки беше премал, гостите да му парираат на далеку поквалитетниот состав. Тимот на Широки и натаму ќе се бори и има шанси за опстанок. Во ситуација кога испаѓа една екипа, најсериозен конкурент му е Задар, кој што загуби од Звезда (53:67).
МЗТ Скопје Аеродром до крајот игра на гости кај лидерот Црвена Звезда и дома против Раднички, две екипи со кои што ги доби првите дуели во регуларниот дел од сезоната. Игокеа в понеделник ќе се соочи дома со Цибона, што е еден од клучните натпревари во борбата на Хрватите за фајнал фор, а на претставникот на БиХ за директен пласман во УЛЕБ Еврокупот.
