Зелениот жад- камен што ги балансира емоциите и носи хармонија

08.12.2020 12:05

Дали наскоро овој камен ќе стане вреден колку и златото?

Жадот е најценетиот полускапоцен камен во Далечниот Исток. Оваа поврзаност со жадот постои со векови. За време на династијата Хан најбогатите Кинези понекогаш ги закопувале во облека обложена со жад и опточена со злато со верување дека така телото нема да им се распадне. Ова го потврдуваат пронајдените остатоци во царските гробници.

Жадот се смета за камен на љубовта, мирот и на хармонијата

Кинезите кај кои жадот е омилен за изработка на украсни предмети и накит, преку него ги изразуваат петте најдобри особини-мудрост, праведност, милосрдие, скромност и одлучност. Тие го нарекуваат ,,ју“ што значи нешто вредно. Ги симболизира небото, земјата и човекот.

Кај старите египќани жадот бил камен на љубовта, на внатрешниот мир, хармонија и рамнотежа. Кај Арапите жадот е заштитник од зло. Во Мексико пак симболизира нежна љубав.

Моментално најценет е „царскиот зелен жад“ кој се препознава по смарагдно зелената боја и висок процент на прозрачност.

Жадот не е само украс и верување туку навистина има благотворно дејство на човекот. Се смета дека го забрзува процесот на самоисцелување, смирува нервоза и емоции засновани на страв. Заштитува од негативна енергија и зрачи со смирувачка енергија. На жадот не му е потребно чистење па затоа се нарекува дар од небото. Секогаш останува чист и затоа непречено зрачи со смирувачка енергија. Кинезите веруваат дека на оној што го носи му дава мир и мудрост, инспирација, самодоверба. За бизнисмените важи- жад во десната рака помага за донесување на вистинска одлука. Се верува дека и тие што бараат работа ако го носат со себе ќе имаат повеќе среќа, а оние што работат ќе ги штити од негативци и критичари.

Се смета и за заштитник на трудници, мајки и деца, на тинејџерите им ги балансира емоциите и хормоните. Им помага и на животните за да бидат здрави и долговечни.

Жадот е составен од 2 елемента: жадеит и нефрит. Жадеитот се наоѓа главно во Бурма и има поголема вредност од нефритот.

Нефритот пак доаѓа од западна Кина и бил употребуван пред жадеитот да стане популарен. Бидејќи се работи за многу стари предмети тие имаат многу високи цени на аукциите. Една таква колекција од неолитот, неодамна е продадена за 23 милиони долари. Посебно се на цена Арт деко парчиња накит направени од жадеит, на пример еден брош од жадеит направен во Картије бил продаден на аукција за 930 илјади долари.

Побарувачката во денешно време е се поголема. Последните неколку години цената неколку пати се зголемила така што речиси ја достигнува цената на златото. Крадците ширум светот брзо ја сфатиле вредноста на жадот, па така во Велика Британија една банда е фатена и затворена поради кражба на фигури од жад од музеите и аукциските куќи.

Жадот главно е интензивно зелен, па станал и синоним за специфична нијанса на зелена боја. Но може да биде и во нијанси од виолетова и сина, па се до ледено бели. Љубителите на скапоцени каменја ги привлекува големината, обликот, текстурата и уметничката изработка.

Соња Стојановска