Македонија го чествува Свети Климент Охридски

Г.Г. Стефан: Никаква интерпретација на историјата не може да го поништи чувството на припадност

08.12.2020 13:02

Македонија го чествува Свети Климент Охридски, првиот словенски епископ и основач на Охридската книжевна школа. Во Соборниот храм свечена литургија во спомен на патронот. Никаква интерпретација на историјата не може да ја поништи народната памет, како и чувството за припадност, рече Архиепископот охридски и македонски господин господин Стефан во посланието за Свети Климент...

Никаква интерпретација на историјата не може да ја поништи народната памет, како и чувството за припадност. Треба да сме конструктивни, но да не сме безлични. Политичките и економските вредности кон кои се стремиме, интеграцијата во напредните заедници и системи, се општоприфатен копнеж кон кој се насочени нашите сили во последните три децении, рече Архиепископот охридски и македонски господин господин Стефан во посланието за Свети Климент.

Поглаварот на МПЦ-Охридска Архиепископија, осврнувајќи се нашите аспирации за членство во европското семејство, рече дека таму треба да се влезе со тоа што отсекогаш се имало и што е знак на нашата самобитност.

На сите народи, особено на братските и на блиските, на соседите, им доликува да се тука еден за друг и кога има проблеми кои можат да се решат со дијалог. За разговори секогаш има време, колку и да траат, но за некои процеси нема и не треба да има. А и народната вели- браќата во маката се познаваат, рече господин господин Стефан. И апостолите и светителите и свештениците и народот божји, сите извршуваат едно и заедничко дело. И меѓу нив имало предизвици и спорови. Свети Климент, кому споменот денес му го славиме, бил човек неуморен во делото за ближниот.

Поради Ковид-19 на свечената литургија во Соборниот храм присуствуваа и верници, почитувајќи ги строгите протоколи и мерки за заштита.

 

Александра Спировска